Премиерот најави конкретни чекори и докази

Истрагата за скандалот со дрогата открива вклученост на лица од опозицискиот блок, но и поранешни политичари, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

„Истрагата за скандалот со дрогата води до лица од опозицискиот блок, но и поранешни политичари. Сите ќе одговараат затоа што се ќе биде поткрепено со докази“, рече Мицкоски во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Тој објасни дека досегашната истрага веќе резултирала со кривична пријава за 10 лица, покрај двајцата кои веќе се приведени, и дека ова е само почеток.

„Секогаш кога ќе ја прашате опозицијата, тие тоа ќе ви го кажат без да имаат било каков аргумент, а власта од оваа страна зборува врз основа на аргументи и факти. Нема да зборувам, но мислам дека ќе дојдат до многу важни имиња кои се дел или поврзани со моменталната опозициска СДСМ, делумно со така наречениот Европски Фронт, но и поранешни политичари. Само тогаш да не биде дека тоа е политички реваншизам и хајка, затоа што се ќе биде поткрепено со докази. Затоа што да не биде тогаш „зошто моето семејство“, сите ќе бидат вклучени, бидејќи знаат да го напаѓаат моето семејство и семејствата на луѓето од Владата“, рече премиерот.

Мицкоски додаде дека правдата ќе победи и дека секој кој се огрешил ќе одговара. Тој ја поврза ситуацијата со политиките на претходната влада:

„Не треба да заборавиме каква политика водеше владата на СДСМ и ДУИ во врска со одгледувањето на канабис и оти се ова е последица на тие политики. Сите забораваме колку пати претходната влада на СДСМ и ДУИ се обидуваше да го промени Законот за одгледување на канабис и да се дозволи извоз на цвет од канабис. Дури на најстроги празници свикуваа седници во Собрание. Не може вашата економска програма да се темели на производство на канабис, самото по себе е поразително. Еве сега со скандалот со дрогата гледаме како Али, Заев и Венко како министер за здравство ја развивале Македонија и ова се последици од тие политики, но ќе бидат казнети.“

Одговорност за сите

Премиерот потенцира дека истрагата ќе ги вклучи сите кои имаат врска со случајот, без разлика дали се дел од опозицијата или претходни владини структури, и дека секое дејствие ќе биде поткрепено со документирани докази.

„Правдата ќе победи во случајот и тој кој се огрешил ќе одговара“, заклучи Мицкоски.