По повеќе од два месеци од започнувањето на постапката, Министерството за здравство привршува со анализата на претставките поврзани со наводите за непотребно извршени кардиолошки интервенции во приватни здравствени установи. Процесот го спроведува интерна стручна комисија, во која, како што беше најавено, ќе бидат вклучени и меѓународни експерти со цел да се обезбеди целосна објективност и транспарентност.
Министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција на Клиниката за кардиологија, соопшти дека досега се разгледани околу 25 претставки, а остануваат уште седум до осум случаи кои треба да се анализираат пред да се презентираат конечните резултати.
„Уште седум наоди треба да се анализираат. Знаете дека тие процеси бараат време. Експертите кои работат на предметот се во мал број и, покрај тоа, имаат секојдневни активности во амбулантите и операционите сали. Затоа оваа динамика не зависи само од Министерството, туку од целиот тим, кој е високо ангажиран во обезбедување здравствени услуги за граѓаните,“ изјави Алиу.
Тој нагласи дека целта на процесот не е само да се утврдат фактите, туку и да се подобри системот, да се зголеми јавната доверба во здравството и да се обезбеди транспарентност во сите постапки.
Откако ќе заврши анализата, Министерството најави дека ќе организира прес-конференција за јавноста, на која детално ќе бидат презентирани наодите и следните чекори во насока на подобрување на контролата и квалитетот на здравствените услуги.
