Истражен тим од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска беше примен во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во рамки на предистрагата за наводи за незаконско прислушување. Како што информира обвинителството, договорена е динамиката за увид во документацијата со која располага АНБ и која се однесува на содржината на доставените известувања.
„Во рамките на денешниот работен ден двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија,“ соопшти ОЈО ГОКК.
Оттаму дополнуваат дека постапуваат исклучиво врз основа на докази и во рамки на законските процедури, со почитување на правата на сите засегнати страни.
„Во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и јавноста да се воздржат од прерано изнесување заклучоци додека не се утврдат фактите,“ стои во соопштението.
Во меѓувреме, на веб-страницата на Собранието е објавено дека Комисијата за надзор на работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање ќе одржи седница на 10 септември во 11 часот, со точка на дневен ред – предлог за заклучок за вршење надзор над АНБ. Истата седница денеска беше закажана за 11 и за 17 часот, но не се одржа.
На 2 септември ОЈО ГОКК соопшти дека по насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е оформен предмет за проверка на наводите за следење на премиерот Христијан Мицкоски, како и за проверка на последните известувања од АНБ.
Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека за случајот е информирано надлежното обвинителство, без да открие детали за бројот на лица кои биле опфатени, бидејќи станува збор за класифицирани документи. Тој потсети дека во 2019 година агенцијата била „се, само не реформирана“.
„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било дело на една помала група составена од поранешен директор и дел од вработените. Имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство. Детали не можам да откријам бидејќи се работи за сензитивни информации со висока квалификација и не сакаме да нарушиме законски процес или да попречиме постапка што е или ќе биде отпочната,“ рече Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, изјави дека ја остава работата во рацете на обвинителството.
„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – позади решетки, еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тип агенции и ресурсите со кои тие располагаат,“ изјави Мицкоски.