Според најновото меѓународно истражување спроведено од агенцијата Галуп, во регионот најосамени се чувствуваат граѓаните на Црна Гора, додека Словенија бележи најнизок процент на осаменост. Македонија се наоѓа на средината на оваа листа според споделените одговори.
Во Црна Гора 30 отсто од испитаниците одговориле дека се чувствуваат многу или прилично осамени. Во Албанија таков одговор дале 26 отсто, во Бугарија, Србија и во Косово резултатот изнесува 24 отсто, во Македонија 20 отсто, во Хрватска 18 отсто, во Босна и Херцеговина 14 отсто, во Грција 11 отсто, додека во Словенија само 6 отсто од анкетираните граѓани. Франција бележи идентичен резултат со Македонија, каде што исто така 20 отсто од населението изјавило дека се чувствува осамено.
Гешталт терапевтот Сузана Лазарова-Ефтимова од Центарот за советување, психотерапија, едукација, личен раст и развој за деца и возрасни „КОНТАКТ3-ЗАОКРУЖУВАЊЕ“ од Штип, посочува дека социјалните контакти претставуваат основни човекови потреби преку кои се гради сликата за себе, се развива емпатија, доверба и чувство на припаѓање.
„Од гешталт перспектива, човекот не може да се разбере изолирано од својата околина, туку секогаш во односот со другите и со светот во кој живее. Кога зборуваме за осаменоста, сметам дека е важно да направиме разлика меѓу самотијата и осаменоста. Самотијата може да биде свесен избор, потреба за повлекување, одмор и воспоставување контакт со себе. Осаменоста, од друга страна, е субјективно доживување на недостиг од поврзаност“, вели Лазарова-Ефтимова.
Таа додава дека едно лице може да биде опкружено со многу луѓе, семејство и пријатели, а сепак да доживува длабока осаменост, која носи ризици по менталното и физичкото здравје, зголемувајќи ги шансите за депресивност, анксиозност, несоница и хроничен стрес.
„Затоа, осаменоста не треба да ја потценуваме, особено кога станува долготрајна. Сметам дека грижата за сопствената благосостојба треба да ја вклучува и грижата за нашите односи. Важно е да одржуваме контакт со блиските, да иницираме средби, да бидеме присутни едни за други, да негуваме пријателства и да се вклучуваме во заедницата. Исто така, не треба да се плашиме да побараме помош кога ќе почувствуваме дека се повлекуваме и изолираме“, нагласува Лазарова-Ефтимова.
На глобално ниво, Лесото котира најнеповолно на листата на Галуп со 58 отсто осамени граѓани, додека најниска стапка бележи Виетнам со само 5 отсто осамени испитаници.
