Младите не се задоволни од квалитетот на постоечките мерки и политики за младите луѓе, а во однос на стандардот за живеење, го делат мислењето дека тој е низок, но и постои мала мотивираност да го подигнат.
Овие се клучните наоди од истражувањето од почетната студија за младински трендови во рамките на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата”, финансиран од Европската унија.
Според истражувањето, за 58,4 проценти од младите невработеноста е на прво место на листата на проблеми, потоа следуваат материјалната и економска независност – 50,8 проценти, како и алкохолизмот, зависноста од дроги, деликвенцијата и слично – 45,9 проценти. Во однос на стандардот за живеење, младите го делат мислењето дека стандардот ни е низок, но од друга страна има мала мотивираност кај младите да го подигнат, а најчесто како најлесно решение се бира заминувањето од земјата во ЕУ. Она што е битно е дека младите се свесни оти тие се оние што треба да ја дизајнираат својата иднина.
На денешната презентација на студијата беше посочено дека дигитализацијата на образованието е позитивно прифатена поради големиот број предности, особено во однос на лесната достапност до повеќе образовни ресурси, но проблем е што сите ученици немаат еднакви можности за настава.
Младите сметаат дека реформите и дигитализацијата на образованието се процес за кој треба поопсежна дискусија и дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија. Според младите, учениците и родителите не се вклучени и консултирани во образовниот процес.
Младите не се задоволни од квалитетот на постоечките мерки и политики за младите луѓе, политиките во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата… Дополнително на тоа, многу мал дел од младите, 28,8 отсто, се запознаени со Законот за младинско учество и младински политики, а уште помалку со Националната стратегија за млади 2016-2025 – 19,4 отсто. Повеќе од половина од испитаните млади не се информирани дали постои локална стратегија за млади во нивната општина.
Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади.
Само 20,3 проценти од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција. Малку поголем процент, 30,6 проценти од младите, изразиле став на социјалните медиуми во последните 12 месеци.
Алармантен е податокот дека само 22,9 отсто од младите слушнале за локални младински совети што укажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица. Сепак, само 20 отсто од младите сметаат дека ЛМС можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивираност за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации.
– Се наоѓаме во период од фазата на спроведување на законот за младинско учество и младински политики, сметаме дека проектот значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество. Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост, изјави на настанот Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Според Софија Георгиевска, главниот истражувач за Почетната студија за младински трендови, квалитетот на живот и перцепцијата на младите за иднината во нашата држава не е на завидно ниво и младите сметаат дека платите се ниски, а цената на производите расте и тоа ја отежнува ситуацијата да имаат стандард на живот како што посакуваат.
Инаку, проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” е финансиран од Европската унија и спроведуван од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА, како главен имплементатор заедно со партнерите СОС Детско Село Македонија, Волонтерски Центар и Асоцијација Женски Форум Тетово.