Италија ќе изгради центри во Албанија за да ги прими илегалните мигранти кои пристигнуваат во Италија по море, изјави во понеделникот премиерката Џорџија Мелони при претставувањето на новиот план за намалување на бројот на мигранти во Италија, кој е речиси двојно зголемен во изминатата година.

Мелони рече дека албанските центри првично ќе бидат домаќини на околу 3.000 луѓе кога ќе бидат отворени пролетта 2024 година.

Таа додаде дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми нивниот капацитет за обработка на барањата на 36.000 мигранти годишно во тоа време.

Повеќе од 145 илјади мигранти пристигнале во Италија по морски пат во 2023 година, што е голем пораст во однос на 88 илјади во истиот период лани.

Владата на премиерот Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и одлучи да го зголеми бројот на прифатни центри низ целата земја за мигранти пред нивната можна репатријација.

Десничарската партија на Мелон, долго време бара такви објекти да се формираат надвор од Европската унија, предлагајќи, на пример, Северна Африка, но ниту една земја од тој регион не се согласила на тоа.

„Сметам дека ова е навистина европски договор и сакам да кажам дека покажува како е можно да се работи заедно за управување со миграциските текови“, рече Мелони во Рим покрај нејзиниот албански колега Еди Рама.

„Тие (мигрантите) ќе останат во овие центри онолку долго колку што е потребно за брза обработка на барањата за азил и, доколку е потребно, за репатријација“, додаде таа. Мелони рече дека малолетниците, бремените жени и другите ранливи групи нема да бидат сместени во Албанија.

Извор од канцеларијата на Мелони рече дека пактот ќе важи само за мигрантите спасени на море од италијанската крајбрежна стража или морнарица, а не хуманитарни организации.

Истиот извор негираше дека Италија ќе и плати на Албанија за прифатните центри.

Мелони рече дека Италија ќе изгради објект за идентификација на мигрантите во албанското пристаниште Шенгин и центар за репатријација во внатрешноста.

Двата објекти ќе работат под италијанска јурисдикција, посочи таа.

Зборувајќи на италијански, албанскиот премиер Рама рече дека чувствува должност да му помогне на Рим поради посебните односи меѓу двете земји.

„Подавањето рака, во овој случај, значи да се помогне во управувањето со ситуацијата што сите ја гледаат како тешка за Италија“, рече Рама.

Најмногу мигранти во 2023 година пристигнале во Италија од Гвинеја, Брегот на Слоновата Коска и Тунис.