Италија одбила да дозволи слетување на американски воени авиони поврзани со операциите против Иран, што дополнително ги истакнува разликите меѓу сојузниците во НАТО.
Според извори за Ројтерс, кои не биле овластени да зборуваат јавно, одбивањето се случило на 27 март, но не е прецизирано колку авиони биле вклучени.
Италијанската влада соопшти дека постапува во согласност со меѓународните договори и политичките насоки утврдени од парламентот.
„Во врска со медиумските извештаи во врска со користењето на воените бази, владата повторува дека Италија дејствува во целосна согласност со постојните меѓународни договори и со политичките насоки утврдени од владата до парламентот“, се наведува во соопштението.
Воедно се посочува дека сите барања за користење на објектите се разгледуваат „од случај до случај“ и дека нема „критични проблеми или несогласувања со меѓународните партнери“, при што се нагласува дека односите со САД остануваат „солидни“.
Амбасадата на САД во Рим засега нема коментар.
Оваа одлука следи по потегот на Шпанија, која на 30 март го затвори својот воздушен простор за американски авиони поврзани со операциите против Иран, откако претходно одби и користење на базите.
Иако италијанската премиерка Џорџија Мелони одржува блиски односи со претседателот Доналд Трамп, таа најави дека за евентуално користење на базите ќе биде потребно парламентарно одобрение.
Од друга страна, опозициските партии во Италија повикаа владата целосно да го блокира пристапот за вакви операции.
Тензиите се продлабочуваат и со претходната одлука на Франција да блокира летови за снабдување на американската војска за Израел преку својот воздушен простор.
Во меѓувреме, конфликтот со Иран продолжува да влијае врз глобалните енергетски пазари, откако Техеран го ограничи сообраќајот низ Ормутскиот теснец, што доведе до раст на цените и недостиг на гориво во дел од земјите.
Дополнително, кај Дубаи беше нападнат и запален танкерот „Ал-Салми“ под знамето на Кувајт, при што нема повредени, но е регистрирана материјална штета.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп ги повика сојузниците сами да се справат со кризата.
„Сите оние земји кои не можат да добијат гориво за авиони поради Ормутскиот теснец… одете во теснецот и само ЗЕМЕТЕ ГО“, напиша тој, додавајќи дека САД повеќе нема да им помагаат како досега.
Овие случувања укажуваат на продлабочување на несогласувањата меѓу западните сојузници околу вклучувањето во конфликтот на Блискиот Исток.
