Италијанската премиерка Џорџија Мелони ја обвини Франција дека го загрозува единството на Европската Унија по прашањето за Украина поради француско-германската вечера со украинскиот претседател во Париз, на која не беа поканети другите европски сојузници.

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретнаа во средата навечер пред самитот на ЕУ.

Националистичката италијанска лидерка рече дека вечерата во Париз е несоодветна и ги удвои нејзините критики, кога кажа дека е клучно 27-члениот блок да покаже обединето лице.

„Она што би било правилно е фотографијата на Зеленски со 27-те лидери на ЕУ. Средбата во Париз како увертира за тоа единство беше политичка грешка“, рече Мелони на крајот од самитот, сугерирајќи дека иницијативата на Макрон може да ја поткопа поддршката за Киев.

„Не е лесно за никој од нас да се справи со прашањето за Украина со оглед на јавното мислење. Тоа што го правиме, го правиме затоа што е правилно, но можеби не е најлесната работа во насока на консензусот“, додаде таа.

Истражувањата на јавното мислење во Италија постојано покажуваат само млака поддршка за Украина. Неодамнешното истражување на ИПСОС покажа дека само 30 отсто од Италијанците поддржуваат испраќање оружје или системи за противвоздушна одбрана во Киев, во споредба со 63 отсто во Британија, 52 отсто во Франција и 48 отсто во Германија.

Претходникот на Мелони и поранешен шеф на Европската централна банка, Марио Драги, тесно соработуваше со Макрон и Шолц за да го формулира одговорот на ЕУ на руската инвазија. Тројцата отпатуваа заедно во Киев минатиот јуни за да се сретнат со украинскиот претседател.

Но, блиските односи значително се заладија минатиот октомври откако Мелони, евроскептична конзервативка, ја презеде власта. Таа ги предупреди Франција и Германија, двете најголеми економии во еврозоната, да не се обидуваат да ја наметнуваат својата политика на остатокот од блокот.

„Грешат оние кои мислат дека има прва и втора лига во ЕУ, оние кои мислат дека Европа треба да биде клуб во кој има повеќе и помалку вредни“, рече таа.

Иако претставува голема промена во споредба со Драги, Мелони сепак цврсто се држеше до својата проукраинска политика и покрај скептицизмот на некои коалициски партнери. Во петокот, таа повтори дека е од клучно значење да продолжи да го поддржува Киев.

„Оние кои велат дека не треба да и’ се помогне на Украина, работат против суверенитетот и слободата на нацијата“, рече Мелони, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Киев.

Мелони го изрази своето жалење што Зеленски нема да се обрати на италијанскиот музички фестивал Санремо преку видео врска, по критиките од италијанските политичари дека би било несоодветно да се меша забавен настан со толку сериозна тема како што е војната во Украина.