Италијанската влада на премиерот Марио Драги денеска доби доверба во Горниот дом на Парламентот, во врска со мерките за надминување на кризата со зголемените трошоци за живот.
Движењето „Пет ѕвезди го бојкотираше гласањето во Сенатот.
„За“ гласаа 172 сенатори, а „против“ 39.
Италијанскиот премиер изјави претходно оваа недела дека неговата влада не може да продолжи да постои без поддршката на Движењето „Пет ѕвезди“ и ја отфрли можноста да биде на чело на коалиција од друг состав.
Претседателот Серџо Матарела, кој е врховен „арбитар“ во италијанската политика, ќе треба да одлучи како да излезе од кризата. Тој може да побара од Драги да се обиде да го врати неговиот кабинет со уште едно гласање доверба. Доколку не може да се обезбеди мнозинство, претседателот ќе треба да го распушти Парламентот и да распише предвремени избори.