Италијанските владејачки партии постигнаа договор за сеопфатна реформа на изборниот закон, потврдија денеска два неименувани извори. според опозициските партии договорот е со цел премиерката Џорџа Мелони да ја задржи власта по изборите закажани за 2027 година.

Според актуелниот изборен систем, повеќето членови на двата дома на парламентот се избираат преку партиски листи и пропорционален систем, но 36 проценти од нив се избираат во изборни единици според принципот „победникот зема сè“: кој има најмногу гласови, победува дури и ако нема мнозинство.

Десничарската коалиција на Браќа на Италија на премиерката Мелони, Лига и Форца Италија се залага за премин кон целосно пропорционален систем со загарантирано парламентарно мнозинство за секоја коалиција, што ќе освои повеќе од 40 проценти од гласовите.

На последните избори во 2022 година, главната опозициска Демократска партија и Движењето Пет ѕвезди не успеаја да формираат коалиција, што му олесни на десничарскиот блок на Мелони да ја преземе власта благодарение на победите во повеќето изборни единици со систем „победникот зема сè“.

Новиот план, што треба да биде ратификуван од парламентот, вклучува можност за втор круг гласање, кој би се одржал само ако победничката коалиција освои од 35 до 40 проценти од гласовите.

Владејачките партии во Италија честопати се обидуваа да ги променат изборните правила за време на нивните мандати, честопати со цел да добијат предност на следните избори.