Италијанскиот Уставен суд одлучи да го отфрли барањето за спроведување референдум за спорното прашање за евтаназијата, пренесе ДПА.

Судот за ова прашање заседаваше три часа и судиите заклучија дека одобрувањето на евтаназијата нема ништо заедничко со заштитата на човечкиот живот, што е наведена како една од основните права во италијанскиот Устав.

Уставниот суд беше повикан да одлучива за ова прашање од групи заштитиници на правото на евтаназија. Тие наведоа дека се разочарани од одлуката на Уставниот суд и дека сега ќе се обидат својата борба да ја продолжат преку парламентот и измени во италијанското законодавство.

Во Италија се забранети и активната и пасивната евтаназија и истите можат да бидат казнети со затвор.

Во 2019 година Уставниот суд утврди дека, сепак, може да има исклучоци од забраната, но само доколку постојат одредени специфични аспекти, како, на пример, пациентот да не може веќе да биде лекуван, кога зависи од апаратура за оддржување во живот, кога мора да трпи невозможни физички или емоционални тешкотии… Во овие случаи човекот мора да биде целосно способен самиот да ги донесува одлуките, под целосна свест и сфаќање на последиците од нив.