Министрите за финансии ветија „неопходни мерки“ за справување со наглото зголемување на цените на суровата нафта, но не постигнаа непосреден договор

Министрите за финансии на Г7 изјавија дека ќе преземат „неопходни мерки“ за да се справат со скокот на цените на нафтата, но не се договорија веднаш да ги ослободат стратешките резерви на нафта по итниот состанок одржан во понеделник.

Во заедничката изјава, во која има увид Фајненшл тајмс, министрите наведуваат дека сакаат да се справат со последиците од војната со Иран. Тие додаваат дека „се подготвени да преземат неопходни мерки, вклучително и за поддршка на глобалното снабдување со енергија, како што е ослободување на резервите“.

Францускиот министер за финансии Ролан Лескјур изјави дека групата, која во понеделник одржала виртуелен состанок со директорот на Меѓународната агенција за енергија, „сè уште не е таму“ кога станува збор за одлука за користење на итните резерви на нафта што ги чуваат земјите членки на агенцијата.

Лица запознаени со разговорите изјавија дека министрите за енергетика од Г7 се очекува да се состанат во вторник.

„Таму ќе се одлучува за конкретна акција“, изјави едно лице запознаено со разговорите.

Еден американски претставник, кој е информиран за дискусиите, изрази оптимизам дека мерки би можеле да бидат преземени брзо по состанокот на министрите за енергетика.

Цената на нафтата Брент порасна за речиси 40 проценти од почетокот на војната и ја надмина границата од 100 долари за барел за првпат по четири години. Голем дел од нафтата произведена во Персискиот Залив е блокирана поради иранските закани кон Ормускиот Теснец.

Во понеделник наутро цената на Брент накратко достигна речиси 120 долари за барел. Последниот скок се случи во момент кога најголемите производители од Заливот, меѓу кои и Саудиска Арабија, почнуваат да го намалуваат производството бидејќи се соочуваат со недостиг од капацитет за складирање.

Но, добивките на Брент подоцна се намалија и до попладнето во Лондон се тргуваше со него во пораст за само 5,9 проценти на 98,20 долари за барел.

Фатих Бирол, шеф на IEA, рече дека постојат „значајни и растечки ризици за пазарот“, додавајќи дека условите „се влошиле во последните денови“.

„Покрај предизвиците со транспортот низ Ормускиот Теснец, значителен дел од производството на нафта е намален“, изјави Бирол.

Според програмата на Меѓународната агенција за енергија, 32 земји членки чуваат околу 1,2 милијарди барели во стратешки резерви. Тие можат да се користат во итни ситуации. Ова се случило само пет пати откако агенцијата беше основана по арапските нафтени кризи во 1970-тите години.

Министрите на Г7 во заедничката изјава наведуваат дека „разговарале за актуелниот конфликт на Блискиот Исток, неговото влијание врз регионалната стабилност, глобалните економски услови и финансиските пазари, како и за важноста на безбедните трговски рути“.

„Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и развојот на настаните на енергетските пазари и ќе се состануваме по потреба за размена на информации и координација во рамки на Г7 и со меѓународните партнери“, додаваат тие.

Пред состанокот, едно лице запознаено со ситуацијата изјавило дека дел од американските претставници сметаат дека заедничко ослободување од околу 300 до 400 милиони барели би било соодветно. Тоа би претставувало околу 25 до 30 проценти од вкупните резерви.

Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис предупреди дека конфликтот може да предизвика „значајни стагфлациски шокови врз глобалната и европската економија“ ако трае подолго од „неколку недели“.

Доколку продолжат прекините во поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец и нападите врз енергетската инфраструктура во Заливот, повисоките цени на енергијата би можеле да ѝ наштетат на пошироката економија, предупреди Домбровскис. Тој посочи и дека може да биде потребна построга монетарна политика доколку инфлацијата продолжи да расте.

„Важно е да се работи на деескалација на овој конфликт што е можно побрзо… Колку побрзо се случи тоа, толку повеќе ќе бидат ограничени последиците врз економијата“, изјави Домбровскис.

Извор: Фајненшал тајмс