Македонски камиони со прехранбени производи задржани без образложение

Македонските извозници се соочуваат со сериозни потешкотии на македонско-косовската граница. Според информациите на Стопанската комора, камиони кои транспортираат прехранбени производи се задржуваат на територијата на Косово. Под изговор за „чекање резултати од лабораториски анализи“.

Ова задржување, според домашните компании, не е оправдано. Веќе предизвикува економски штети, го нарушува континуитетот на извозот и создава ризик за квалитетот на производите.

Комората бара итна интервенција од институциите

Стопанската комора испрати официјален допис до надлежните државни органи. Во дописот има  барање за итно преземање на мерки за нормализирање на трговскиот проток. Оттаму  потенцираат дека  задржувањето на прехранбени производи,  може да предизвика финансиски последици за домашните извозници.

Состанок Азески – Рафуна за итно решение

Во насока на надминување на ситуацијата, ќе се одржи средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и претседателот на Косовската стопанска комора, Лулзим Рафуна.

Средбата има за цел да го одблокира застојот и да се обезбеди непречен проток на македонските производи до нивната крајна дестинација.

Вакви бариери го поткопуваат регионалниот трговски систем

Комората предупредува дека ваквите неосновани задржувања ја нарушуваат довербата во регионалната трговска соработка, создаваат неоправдани бариери, го попречуваат слободното движење на стоки и го загрозуваат македонскиот извоз, кој е од суштинско значење за економијата на државата.

Со овие активности, Стопанската комора покажува активен пристап во заштита на интересите на домашната економија и поттикнување на фер и стабилна трговска соработка со соседите.

Извор: Фактор