Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност, по извршените консултации околу актуелната состојба во регионот и светот. Главна тема на состанокот ќе бидат безбедносните рефлексии врз Македонија по последните воени ескалации.
„Седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Како највисоко советодавно тело, Советот има задача да ги разгледа сите ризици поврзани со одбраната на државата и да упати соодветни предлози до Собранието и Владата. Покрај претседателката, на масата ќе седнат клучните носители на државни функции, вклучувајќи ги премиерот Мицкоски и министрите за внатрешни работи, одбрана и надворешни работи.
