Разговорите во Мускат ќе ја опфатат и безбедносната тензија во регионот
Итни дипломатски разговори меѓу САД и Иран се одржуваат во Мускат, Оман, додека тензиите во регионот нагло растат. Преговорите се фокусираат на нуклеарната програма на Техеран и потенцијалното укинување на санкциите.
Американската администрација наведува дека разговорите треба да опфатат и балистички ракети, поддршка на регионални милитантни групи и третманот на населението од страна на властите. Иран, пак, најавува дека ќе се држи само до нуклеарното прашање и санкциите.
„Дипломатијата напредува. Претседателот беше многу јасен во своите барања кон иранскиот режим. Нула нуклеарен капацитет е нешто за кое тој беше експлицитен. И додека преговорите се водат, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот има многу опции освен дипломатијата“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Тензиите се зголемија по насилното потиснување на антивладините протести во Иран, при што загинаа илјадници луѓе. Во реакција, Трамп испрати американска воена флота во регионот и се закани со можен напад. Иранската војска предупреди дека секој напад ќе биде дочекан со решителен одговор, вклучително и напади врз американските сили.
Пред преговорите, Техеран објави дека новата ракета со дострел од 2.000 километри е сместена во подземен објект.
