Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски открива детали од стратешкиот договор со Велика Британија. Македонската железница добива нова шанса за оживување – стратегиски договор најавува темелна реконструкција на железничката инфраструктура и модернизација каква досега не се видела.
АМБАСАДОРОТ ОТКРИВА: Николоски потпишува во Лондон неделава!
Проектот предвидува изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија, со целосна реконструкција на постојната траса и изградба на нова, што ќе овозможи сообраќај на патнички возови со брзина до 160 км/ч, а товарни до 120 км/ч.
„Ова ќе биде најбрзиот, најисплатливиот и најмодерниот транзитен коридор во регионот“, изјави директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, додавајќи дека станува збор за капитален проект кој ќе ја врати железницата на мапата на модерен и ефикасен транспорт во земјава.
Станицата во Скопје ќе се поврзе со аеродромот – градот ќе добие нов транспортен лик
Освен трасата, ќе се реконструира и железничката станица во Скопје, која ќе биде директно поврзана со скопскиот аеродром. Така, патниците кои пристигнуваат или заминуваат со авион, ќе имаат брза и директна врска со железничката мрежа.
„За пет години, Скопје ќе добие транспортна мрежа која ќе биде конкурентна со европските метрополи“, рече Ивановски.
Модернизацијата ќе го поттикне користењето на возот како главно превозно средство, што е тренд во голем број европски земји.
Почеток на градежни работи веќе од есен – прво Драчево – Илинден и Зелениково – Скопје
Според Ивановски, градежните активности започнуваат уште оваа есен, со реконструкција на делниците од Драчево до Илинден и од Зелениково до Скопје. Работите ќе се одвиваат етапно, без да се попречува редовниот сообраќај.
Ова е прв сериозен обид за модернизација на железничкиот систем во Македонија по децении стагнација. Возот, кој долго време беше запоставено превозно средство, сега повторно влегува во фокусот. Властите претпочитаат патување со воз како еколошка, брза и економска алтернатива на патниот транспорт.