Ние сме против законите за родова еднаквост и за матична евиденција, велат за „Макфакс“ од Исламската верска заедница.
„Заедно со сите верски заедници излеговме со заеднички став на 7.5, а тоа е дека сме против законите. Никој нема да дојде на протестите и нема да повикаме на учество“, истакна Агрон Војника.
„Не сме консултирани, празник ни е, никој не нè информира и никој не нè консултира, а кога не си консултиран, не можеш да кажеш дали стоиш или не стоиш зад протестот. За нас е Бајрам и ние денеска го славиме празникот“, потенцира Војника.
Поглаварите на МП-ОА, ИВЗ, КЦ, ЕМЦ и на ЕЗ во своето вчерашно соопштение, поттикнати од најавата за донесување на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, изразија загриженост за иднината и безбедноста на верниците, а особено за жените и децата.
„Сметаме дека е неприфатливо легалното признавање на родовиот идентитет во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет. Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата! Впрочем, нашата најголема загриженост се однесува на намерата, овој закон да ги опфати и малолетните лица, односно децата. Промовирањето разни родови идентитети и флуидноста помеѓу нив, може да предизвикаат непоправливи штети, особено кај тинејџерите, кои вака упатувани и образовани треба да минат низ процес на самоиспитување и испробување, несоодветен за нивната возраст“, пишува во нивното соопштение.
Тие повикаа на повлекување на предлог-законите и оставање временски простор за нивно сериозно проучување, за запознавање со сите последици врз психолошкото здравје на младите и за активно вклучување во разработката на такви закони на целото општество, а, пред сè, на родителите и на целата стручна јавност.
Македонската православна црква-Охридска архиепископија денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.