Двете најголеми партии во Унгарија разменија обвинувања за можно подготвување на инциденти на денот на изборите.

Министерот за транспорт Јанош Лазар, кој е еден од највидните луѓе на владејачката партија Фидес, денеска го обвини водачот на опозицијата Петар Маѓар дека подготвува протести налик на украинската Мајдан револуција.

– Тиса и Петар Маѓар сакаат да влеземе во војна против Русија. Тие не вртат едни против други и сакаат да почнат граѓанска војна во Унгарија, ја планираат за денеска или за утре, изјави Јанош Лазар при гласањето денеска.

Лидерот на Тиса, Петар Маѓар, веднаш одговори дека се работи за „вообичаените лажни вести и очајни лаги на Фидес“. „Ова се последните часови на власта на Орбан, да му посакаме заминување мирно и со достоинство, а од утре ќе почнеме да ја обединуваме државата“, рече Маѓар.

Медиуми блиски до Фидес објавија и наводен документ на Тиса, според кој опозициската партија наводно ќе обвини за изборни измами во текот на денот, по што ќе почнат масовни протести и судири со полицијата. Медиуми блиски на Тиса, пак, во изминатите денови тврдеа дека во Унгарија се распоредени руски специјалци кои планираат напади на денот на изборите за кои сакаат да ја обвинат Украина.

Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач за МИА од Будимпешта