„Македонско село“ се враќа на културната и туристичката мапа – отварање најавено за јуни 2025
Комплексот „Македонско село“, сместен на падините на Водно, по речиси седумгодишна пауза повторно ќе ги отвори вратите и ќе прерасне во жив центар на културата, македонската традиција и автентичната архитектура. Официјално, денеска беше потпишана одлуката за избор на концесионер кој ќе го оживее овој уникатен туристички комплекс. Италијанската „Ла тераца“ ќе го обнови ваквиот комплекс.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, ја потпиша одлуката по спроведена електронска аукција преку системот на Министерството за финансии. Тој нагласи дека постапката била законска, транспарентна и во целосна согласност со критериумите за концесија.
Новозибраниот концесионер е должен да ги преземе сите неопходни активности. Целта е оспособување на комплексот, а истиот да започне со работа од 1 јуни 2025 година.
Погледнете повеќе од објавата на првиот човек на СОЗР.
Што содржи комплексот?
Комплексот „Македонско село“, кој содржи 12 автентични куќи што претставуваат различни региони од Македонија, во минатото служеше како спој на културна промоција, занаетчиство, угостителство и хотелско сместување. Во рамки на куќите има простории наменети за занаетчии, традиционални ресторани и сместувачки капацитети. Ваквите знаменистости го прават овој локалитет исклучителен за промоција на македонското културно наследство.
Од неговото затворање, СОЗР продолжи редовно да ги покрива трошоците за обезбедување и осигурување, притоа создавајќи финансиски загуби од над 300.000 евра.
Со реотворањето на „Македонско село“, се очекува не само заживување на културниот живот и зачувување на традицијата, туку и конкретни економски бенефити – поттикнување на локалната економија, отворање нови работни места и зголемување на туристичкиот капацитет на Скопје и Македонија воопшто.
Новиот почеток за овој значаен проект симболично ќе означи и нова фаза за македонскиот културен туризам.
Загуби и потенцијал за „Македонско село“
Ваквата вест беше најавена од Томовски во јануари оваа година.
Планови за изградба на жичница и заживување на комплексот „Македонско село“
Од 2019 година, комплексот не функционира, а тоа предизвика значителни финансиски загуби.