Изгаснат пожарот во „Макпрогрес“ во Виница: Повредени неколку пожарникари
Неколку пожарникари се здобиле со повреди при гаснењето на пожарот што избувна вчера во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, позната по брендот „Винчини“. Пожарот е ставен под контрола, потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Опожарени магацини и линии со сончеви панели
Ангелов информира дека биле зафатени три линии, означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини, на чиј покрив имало сончеви панели. Линиите од 1 до 5 биле спасени. Во акцијата за гаснење учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес.
Повреди од стопен шеќер
Дел од пожарникарите се здобиле со изгореници на стапалата, откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погонот. „При обидот да ги ослободат стопалата, чизмите им останале во стопената маса, по што згазнале директно во смесата“, изјави Ангелов.
Пожарот во фабриката за кандирани производи и вафли избувна вчера во 18:40 часот, зафаќајќи дел од магацините и производствените линии.