ИЗГЛАСАН ЗАКОНОТ ЗА ПРИВРЕМЕНО И СЕЗОНСКО АНГАЖИРАЊЕ 

Со голема гордост беше изгласан Законот за привремено и сезонско ангажирање лица – законско решение кое, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, претставува историски чекор за Република Македонија.

Законот, кој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ и доби широка поддршка од повеќе парламентарни партии, има за цел да нанесе силен удар врз сивата економија, а воедно и значајно да ги унапреди правата на работниците.

„За прв пат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој е на барање на работниците и работодавачите“, истакна Стојаноски.

Преку ова законско решение, работодавачите ќе можат да пријавуваат сезонски и привремени работници со поедноставена процедура и олеснителни околности, со што ќе се овозможи овие лица да стекнат здравствено и пензиско осигурување за времето на ангажманот. Истовремено, државата ќе може да наплати давачки кои досега завршуваа во сивата зона.

Посебно значајна новина е тоа што ангажираните лица нема да ги загубат веќе стекнатите права – социјална помош, надомест за невработеност, пензија, стипендија или правото на редовни студии – што, според Стојаноски, претставува пресвртница во трудовата политика.

Законот опфаќа широк спектар на категории граѓани:

  • Пензионери

  • Студенти

  • Сезонски работници, особено во земјоделство, овоштарство, угостителство и сервисни дејности

  • Невработени, но и вработени лица

  • Лица под 18 години кои ги исполнуваат условите за работа

  • Странци со регулиран престој

За практично спроведување на законот, ќе биде воведена нова софтверска платформа – дигитален регистар кој ќе ги поврзува работодавците, работниците и институциите. Платформата ќе биде финансирана со грант од меѓународни партнери, конкретно од Сојузна Република Германија.

„Продолжуваме да работиме и на други вакви, современи законски решенија, се со цел Македонија да биде пристојно место за живот, за секој еден“, порача Стојаноски.