Пратениците во црногорскиот Парламент вечерва и изгласаа недоверба на Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ, на предлог на коалицијата „Црно на бело“ предводена од Дритан Абазовиќ.
За недоверба на Владата гласаа 40 пратеници на опозицијата и четворица пратеници на коалицијата Црно на бело, а 11 беа против. Во црногорскиот Парламент, кој има 81 пратеник, гласаа само 55.
На гласањето не присуствуваа пратениците на Демократскиот фронт, Социјалистичката народна партија и Движењето за промени. На изборите на 30 август Кривокапиќ ја предводеше листата која ги собра тие три партии.
Пратеникот Милош Конатар во завршниот збор во име на предлагачот изјави дека „денеска не се случува никаква апокалипса“.
– Се изборивме промената на власта да биде нормална работа. Секоја следна влада треба да учи од грешките на оваа, истакна Конатар.
Тој додаде дека е важно граѓаните да знаат дека ДПС нема да се врати на власт и оти, како што рече, тоа е манипулација.
Владата на премиерот Здравко Кривокапиќ беше формирана пред точно една година и два месеци, на 4 декември 2020 година.