Со измени на законот за енергетика, власта се обидува да го спречи најавеното поскапување на струјата. По скратена постапка, синоќа мнозинството ги изгласа измените предложени од ВМРО ДПМНЕ, откако дури 84 пратеници гласаа „за“. Со овие измени, во пресметката на универзалниот снабдувач, наместо 11,5 отсто, ќе влезе новата, намалена маржа од 9,9 проценти, која стапува на сила од 1 јули, откако на ЕВН Хоум ќе му биде продолжена лиценцата. Премиерот Христијан Мицкоски не очекува зголемување на цената на струјата за првиот и вториот блок или ако се случи, тоа да биде, како што рече, минимално под еден процент, што е двојно помалку од инфлацијата. Во Регулаторната комисија за енергетика привршуваат подготовките за новата цена на струјата. Иако не откриваат детали, ТВ24 дознава дека и таму владее оптимизам дека ќе нема ценовен шок.
„РКЕ на утрешната седница ќе ги разгледа документите на универзалниот снабдувач дали се комплетни и дали условите се исполнети за да се продолжи важноста на лиценцата, по што следува фаза во која ЕВН хоум ќе достави предлог одлука на цена на струја распоредена по блокови. РКЕ ќе ја скенира детално предлог одлуката дали соодветната методологија е применете и до крај на неделава ќе ја објави конечната одлука за цена на струја.“
Сепак, извори од Комисијата изразија загриженост за 15-те отсто, кои останаа непокриени, откако државните електрани решија да го снабдат универзалниот набдувач само со 85 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. На тендерот минатата недела, за поголемиот процент, ЕВН Хоум доби понуда од ЕСМ по цена од 60 евра за мегават, што е за три евра поскапо од претходно. За останатите 15 отсто, универзалниот снабдувач доби три понуди кои беа два ипол пати повисоки, па затоа реши да не ги прифати и да распише нов тендер во јули. По која цена граѓаните ќе трошат струја од 1 јули, ќе се знае утре, кога Регулаторна на прес конференција ќе ја објави новата цена.