Едно лице загина во пожарот во семејна куќа во горниот дел во Струмица. Пожарот се случи синоќа, а телото на изгореното лице беше извлечено попладнево, до кога траеше увидот од страна на надлежните. Од Основното јавно обвинителство од Струмица соопштија дека поради високиот степен на изгореници телото е предадено на обдукција за да се утврди идентитетот, а извршен е увид со повеќе вештаци за утврдување на причините за пожарот.
Соседите кажуваат дека настрадал помладиот сосед на возраст од околу 40 години кој живеел татка си во куќата до нив.
„Беше страшно. Се плашевме пожарот да не се префрли и на нашите објекти. Пожарникарите веднаш дојдоа, но огнот брзо се ширеше. Отпосле дознавме дека има внатре човек. Жално е што загина соседот кој живееше со татко му“, кажува најблиската сосетка до опожарената куќа.
Пожарот го зафатил спратот и поткровјето. Во интервенцијата учествувале три противпожарни возила и девет пожарникари. За еден час пожарникарите успеале да го ликвидираат пожарот, при што го забележале човечкиот труп во една од просториите.
Од МВР соопштија дека пожарот избувнал во куќа сопственост на 63-годишниот А. М. во која било пронајдено починато лице.