Скратената наставна програма предвидува наставната содржина да се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика, истакна денеска претседателот на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Нашето убедување како наставници, посочи, е дека учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено.

Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови и за време на пандемијата кога наставните часови беа 30 минути, а требаше истата содржина да се реализира во рамки на 30 минути. Досега наставниците имаат изгубено зависи кој наставен предмет, еден, два или три, еветуално пет наставни часа ако е математика или јазик меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат, рече Неделков, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој на прес-конференција соопшти дека генералниот штрајк на СОНК ќе продолжи и понатаму и оти Советот на СОНК одлучил да не го прифати предлогот на Владата за 10 процентно зголемување на платите, со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.