Истакнуваат дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање.
– Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Северна Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања, додаваат од Владата.
Во владината реакција за МИА се посочува дека македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван јазик со своите уникатни специфики, потврден со Договорот од Преспа и запишан во личната карта на Македонија во Обединетите Нации.
– Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет, се додава во реакција на Владата.
Бугарските медиуми вчера објавија дека Закаријаш изјавила оти дебатата меѓу Македонија и Бугарија е „тешка и поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји и со идната соработка“, како и оти „очигледно е поврзана со јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји“.
По вака пренесената изјава синоќа реагираше португалската амбасадорка во земјава Марија Виржинија Мендес да Силва Пина, која истакна дека Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Македонија, туку напротив постојано се обидува да го олесни.
Пина, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, во изјава за Дојче Веле нагласи дека Закаријаш рекла оти „има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“.
Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во Владата во врска со пренесената изјава на Закаријаш, изјави дека Министерството за надворешни работи ќе ја провери автентичноста на изјавата, повторувајќи го ставот дека португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за решавање на разликите, бидејќи нуди решение, но не зазема страни.
– Во самиот предлог во преговарачката рамка е решението „преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик“. Секако, имаат изјави двете страни, и нашата и бугарската страна, каде што, веројатно, министерката направила толкување за бугарски медиуми или слично за кое нешто ќе провериме денеска преку стручните служби од МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста, рече Заев.