Мицкоски му одговори на Радев
Премиерот Христијан Мицкоски одговори по вчерашните коментари на бугарскиот претседател Румен Радев. Мицкоски ги искоментира изјавите на бугарските политичари, пред се на Радев и Борисов.
– Тоа се изјави на бугарските политичари за домашна употреба. И тоа е разбирливо. Ме прашавте дали е мала победа. Не, за мене е големо разочарување. Затоа што вчера сведочевме како во главниот град на Европа, Брисел, имаше обид од одредени европарламентарци да се креира нова нација и нов јазик во 21 век во Европа. Тоа што тие истите обвинуваат дека Русија прави во Украина со негирање на идентитетот на Украинците, јазикот, вчера одредени европарламентарци се обидоа да му го направат на овој малоуброен македонски народ, да креираат модерна македонска нација која што се служи со модерен македонски јазик. Во прва фаза тоа не помина – изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за писмото на Радев и изјавата на Борисов, по посетата на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
Премиерот нагласи дека она што му претставува задоволство е што граѓаните можеле да видат дека ниту идентитетот не е бетониран, ниту јазикот е бетониран, за што, како што рече „одредени измамници во политика не убедуваа изминативе три години, без разлика дали се од тука или од надвор“.
– Сето она што го зборувавме од самиот почеток, вчера се потврди во неколку минути. Не е проблем Бугари во Устав, проблемот е нешто друго, а тоа е македонскиот идентитет и македонскиот мајчин јазик. Тоа е суштината на проблемот – нагласи Мицкоски.
„Бугарија не го почитува тоа што е факт“
Тој додаде дека македонската страна не бара никакви измени, туку само Бугарија да го почитува тоа што е факт, тоа што го потпишала, односно Резолуција за заштита на човековите права.
– Што подразбира тоа. Сите пресуди коишто доаѓаат од Стразбур, а се однесуваат на заштита на човековите права, на македонската заедница во Бугарија, признавање на ОМО Илинден Пирин, аплицирање на тие пресуди, дозволување ОМО Илинден Пирин да функционира како правен субјект и македонски претставник во Министерскиот совет за малцински права. Тоа е тоа. Ако заслужиле таму место другите малцинства во Бугарија, заслужува и малцинството коешто според пописот во 56-та година од минатиот век е убедливо најбројното малцинство со тогашни 200.000 попишани граѓани во тогашна Западна Бугарија – рече Мицкоски.
За очекувањата од седницата на Европскиот парламент, на чиј дневен ред ќе биде извештајот на Вајц, а која треба да се одржи меѓу 7 и 11 јули, Мицкоски рече дека ќе продолжат да се борат.