Изложба „Заедно дишеме, јадеме и пиеме“ ќе биде отворена денеска во општина Кисела Вода на која ќе бидат прикажани инсталација и цртежи со еколошка тематика, а публиката ќе има можност да црта и да научи техники на сликање на хартија и текстил.

Организаторите најавија дека се работи за уметнички проект кој се надоврзува на интересите од минатогодишното истражување со наслов „Заедно дишеме“ покренувајќи прашања за начинот на кој живееме и се однесуваме кон природата.

Проектот се реализираше во Кавадарци и во Велес (кај месноста Лавчани), во соработка со уметниците Доротеј Нешовски, Ана Трајковска, Драганчо Таневски, Ристо Јосифовски и Елена Димова Пантелиќ, поддржани од КСП Центар-Јадро.

-Климатските промени и пандемијата која сите ја почувствуваме со стравот како, каде и што дишеме, влијаеше за темите на истражување. „Заедно дишеме, јадеме и пиеме“ во својот визуелен аспект нуди преиспитување на начините на кои ѝ пристапуваме на природата, подигнување на свеста за екологијата, и активно делување на заедницата во решавање на проблемите на микро ниво, се наведува во најавата за изложбата, која ќе биде поставена во Паркот кај печурките, веднаш до Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.