Основното јавно обвинителство во Велес отвори истражна постапка против едно лице осомничено дека измамило повеќе граѓани преку лажно нудење на наводни „кубански вакцини“ против рак. Случајот се води поради сомневање за стекнување на значителна противправна имотна корист преку доведување на тешко болни пациенти во заблуда.
Против осомничениот е оформен предмет за кривичните дела „измама“ според член 247 и „надрилекарство“ според член 209 од Кривичниот законик. Истражните органи обезбедиле судски наредби и реализирале претреси на повеќе локации во градот.
При извршениот претрес на работното место на осомничениот во Велес се пронајдени материјални докази кои дополнително ќе бидат предадени на стручно вештачење. Одземени се и електронски уреди, а истовремено се реализираат дополнителни оперативни дејствија со цел утврдување на сите факти.
Според официјалните сознанија на истрагата, осомничениот доведувал во заблуда лица со сериозни здравствени проблеми, ветувајќи им набавка на оригинална терапија за лекување на карцином со потекло од Куба.
Надлежниот јавен обвинител во континуитет врши распити на оштетени граѓани и сведоци кои располагаат со корисни информации за целосно расчистување на случајот. Обвинителството до судот поднесе и предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат одземање на пасошот и задолжително редовно јавување во судот.
Осомничениот во моментов се наоѓа на лекување во медицинска установа, каде што уредно му било врачено решението со изречените мерки. Од Јавното обвинителство истакнуваат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи продолжуваат интензивните проверки во зависност од новите сознанија.
