Министерството за внатрешни работи информира дека, согласно добиените податоци во периодот од 2020 заклучно со јуни 2022 година пријавени се вкупно 17 случаи од граѓани за измами со криптовалути.
– Во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика добиени се 8 пријави, а во рамки на Секторите за внатрешни работи на територијата на државата пријавени се вкупно девет случаи и тоа: три на подрачјето на СВР Скопје, по два на подрачјата на СВР Охрид и СВР Струмица и по еден случај на подрачјата на СВР Тетово и СВР Штип. Пријавените настани се однесуваат на сторени измами кон граѓани од страна на физички лица преку изнудување и уплата на парични средства за наводно инвестирање во криптовалути и компјутерска опрема за таа намена, како и кражба на криптовалути од електронските паричници кои ги поседуваат, посочуваат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.