„Јавен интерес“. Ваква ознака имаат деветте закони кои ќе се носат во скратена постапка за да ја забрзаат изградбата на новите автопати. Пред пратениците ќе се најдат утре на посебна седница, а според образложенијата, сите имаат иста цел – економичен и ефикасен начин на градба. Но, брзото носење на закони за антикорупциската комисија е сомнителна постапка.

Потсетуваат дека уште пред две години со националната стратегија за борба против корупцијата, препорачале собранието да избегнува носење закони во скратена постапка.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата пак побара од собранискиот претседател да го повлече дневниот ред за утрешната седница. Велат заобиколувањето на општите закони носи ризик за коруптивно однесување.

„Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија, за да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечката законска регулатива на земјата“.

Измени или дополнувања кои треба да ја олеснат изградбата на автопатите има за девет закони: експропријација, урбанизам, работни односи, градење, земјоделско земјиште.

Така, конзорциумот Бехтел и Енка добива ослободување од ДДВ, увозни давачки, акцизи за енергенти. Со измените нема да се чека ниту правосилност на одлуките за експропријација, односно на сопствениците на имот веднаш ќе им биде одземен без разлика дали за нив е прифатлива цената за експропријација.

Надзорниот инженер ќе добие улога и на археолот, а ќе се озакони и 60ет часовната работна недела за оние кои ќе ги градат Коридорите 8 и 10.