Трстеник е во сериозна опасност поради изместување на коритото на Црна Река
Локалниот пат кон росоманското село Трстеник е во сериозна опасност поради изместување на коритото на Црна Река, информира денеска градоначалникот на Општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски.
– Заедно со директорот на АД Водостопанство Тиквеш и директорот на ЈПКД Росоман, сме на терен на Црна Река, на патниот правец кон село Трстеник, каде што е забележано загрозување на локалниот пат – напиша Крстевски на Фејсбук.
Тој потенцира дека состојбата е евидентирана и дека е неопходно веднаш да се преземат мерки за да се избегне поголема штета.
– Ќе бидат известени Центарот за управување со кризи, АД Водостопанство и Министерството за животна средина. Целта е навремено да се преземат мерки и да се спречи настанување на поголема штета – додаде градоначалникот.
