Двајцата Палестинци, кои беа осомничени за убиството на тројца Израелци во напад со секира во централниот израелски град Елад, се уапсени денеска по повеќе од два дена прогон, соопштија безбедносните сили.

„Уапсени се двајцата терористи, кои убија тројца израелски цивили во смртоносниот напад во градот Елад“, се наведува во заедничкото соопштение на полицијата, армијата и Агенцијата за домашна безбедност по големата потрага.

Деталите за местото на апсењето не се откриени.

Полицијата претходно ги идентификуваше осомничените како Асад Јусеф ал-Рифаи (19) и Субхи Имад Абу Шука ир (20).

Смртоносниот напад во четвртокот вечерта во Елад, населен со ултраортодоксни Евреи, беше шести од 22 март.

Очевидци изјавија дека двајца напаѓачи излегле од автомобил, мавтајќи со секирите кон минувачите, оставајќи зад себе тројца мртви и четворица ранети, пред да побегнат со истото возило.