Израел го засилува протокот на помош во Газа. Отвора премини преку пристаништето Ашдод и за првпат, преку Ерез за северните делови во енклавата. Одлуката доаѓа по остриот став на сојузникот Бајден дека идната поддршка на САД за Израел ќе зависи од заштитата на цивилите и хуманитарците.
„Претседателот јасно стави до знаење дека нашите политики во однос на Газа ќе зависат од нашата проценка за тоа колку Израелците прават промени и ги спроведуваат за да ја подобрат ситуацијата во газа за палестинскиот народ и за хуманитарците“, изјави Џон Кирби – портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Нетанјаху предупреди дека доколку не победи во војната со Хамас, тоа би имало огромни импликации врз САД. Додаде дека е подготвен за секакви сценарија, вклучувајќи и можен ирански одговор.
„Иран со години работи против нас, и директно и преку своите полномошници, затоа возвраќаме, и одбранбено и офанзивно. Ќе се одбраниме и ќе постапиме по едноставниот принцип-кој ќе ни наштети или планира да ни наштети, ние ќе возвратиме“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Хамас обвини дека меѓународниот молк за масакрите му дава зелено светло на Израел. Предупредува дека неговите постапки со сојузникот САД водат кон дестабилизирање на регионот.
„Меѓународниот молк и неспособноста да се делува на овие масакри претставува зелено светло на кое се потпираше нацистичката окупација. Неодамнешниот напад на иранскиот конзулат во Дамаск е очигледно кршење на меѓународното право. Американската администрација, заедно со Израел, носи целосна одговорност за овие злосторства кои водат кон дестабилизација на регионот“, изјави Осама Хамдан – висок функционер на Хамас.
Тел Авив соопшти дека наскоро јавно и транспарентно ќе ги објави деталите од истрагата за случајот со загинатите хуманитарци. Шефот на хуманитарната група бара независна истрага. Додека борбите во енклавата продолжуваат, последниот круг преговори во Каиро останува во ќорсокак-потврди Хамас.
Извор: МРТ