Пред самиот истек на рокот, Израел и Хамас договориja продолжување на прекинот на огнот кој засега важи за уште еден ден.

Досега Хамас ослободи околу 100 од заложниците одведени во Појасот Газа во замена за палестински затвореници од израелските затвори. Шефот на израелската дипломатија Ели Коен кој присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, порача дека борбите ќе продолжат по паузата.

-Ние ќе продолжиме да се бориме сè додека не ги вратиме сите наши заложници и сè додека не го елиминираме Хамас. Светот треба да биде обединет да ја ослободи Газа од Хамас ИСИС. За да се осигури дека вакви дела нема да се појават на ниедно друг место во светот. По паузата ќе продолжиме да се бориме. – изјави – Ели Коен – Министер за надворешни работи на Израел.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа од земјава замина во Тел Авив каде утринава се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог.

-Изминатата недела видовме позитивен развој на настаните во враќањето на заложниците дома и нивното враќање на нивните семејства. И ова мора да продолжи и денеска. Постои можност да се зголеми хуманитарната помош за да може да стигне до невините жители на Газа, на кои очајно и е потребна. Значи овој процес дава резултати и се надеваме дека ќе продолжи. изјави – Ентони Блинкен – Државен секретар на САД .

-Ова е уште еден пример за тоа во каква ситуација сме и бескрајната војна која ја водиме со терористичките организации посебно со Хамас. Ние работиме, се молиме и бараме ослободување на сите заложници. Има уште околу 150 заложници во рацете на Хамас во Газа. – изјави – Исак Херцог – Претседател на Израел .

Средбата Херцог – Блинкен доаѓа откако неколку часа претходно двајца палестински напаѓачи отвориле оган на автобуска станица во Ерусалим, при што загинаа најмалку три лица, а бројот на повредени се искачи на 16 лица. Одговорноста за пукањето ја презеде Хамас.