Крвавата размена на напади продолжува: повеќе од 300 повредени и најмалку 95 загинати
Размената на жестоки напади помеѓу Израел и Иран не стивнува. Во текот на ноќта, израелските сили повторно го засипаа Техеран со ракети, додека Иран возврати со напади врз израелските градови, активирајќи воздушни сирени и мобилизирајќи милион луѓе во засолништа. Ситуацијата се влошува со учеството на јеменската група Хути, која испали балистички ракети кон централниот дел на Израел, вклучително и кон Јафа. Ова за првпат е директен напад од ирански сојузник.
Во Тел Авив, Бат Јам и Ерусалим се слушаа експлозии, противракетните системи беа активирани, а службите за итна помош известуваат за најмалку седум мртви, меѓу кои и деца. Повеќе од 140 лица се повредени, а уште 35 се водат како исчезнати во урнатините од погодените згради. Израелските власти потврдија дека вкупно загинале најмалку 10 лица, додека бројот на повредени надминува 300.
Во Иран, ситуацијата е уште пострашна. Само во првиот ден од кампањата, загинале 78 лица, а дополнителни 60, меѓу кои 29 деца, загинаа при уривање на зграда во Техеран. Израелските ракети погодија и нафтени и гасни објекти, вклучително и гасното поле South Pars и резервоарот „Шахран“. И покрај тоа што пожарите се ставени под контрола, дел од производството е суспендирано, а цената на суровата нафта на светските берзи веќе скокна за 9 отсто.
Преговорите пропаѓаат, заканите растат: САД со остри предупредувања, Иран најавува затворање на Ормускиот теснец
Во екот на нападите, беа откажани планираните преговори меѓу САД и Иран во Оман. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи порача дека „разговори не се можни додека траат бруталните напади врз Иран“. Меѓународната агенција за атомска енергија, објави дека Иран ги прекршува обврските од Договорот за неширење на нуклеарно оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп упати силно предупредување до Техеран:
„Ако бидеме нападнати на кој било начин, силата и моќта на американската армија ќе паднат врз вас на нивоа што никогаш досега не сте ги виделе“, порача Трамп преку Truth Social. „Сепак, можеме лесно да постигнеме договор меѓу Иран и Израел и да го прекинеме овој крвав конфликт“, рече тој, без да ги објави деталите за можниот договор.
Во меѓувреме, иранскиот генерал Есмаил Косари предупреди дека Техеран размислува за затворање на Ормускиот теснец – стратешки премин низ кој минува речиси една петтина од светската нафта.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пак најави интензивирање на нападите:
„Досегашните израелски напади се само почеток“, изјави тој, додавајќи: „Она што ќе следи ќе биде многу поинтензивно за Иран“.
ТЕХЕРАН ЌЕ ГОРИ, ДОКОЛКУ ПРОДОЛЖАТ НАПАДИТЕ НАД ИЗРАЕЛ, ПРЕДУПРЕДУВА ИЗРАЕСЛКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА
Клучна точка за судир: нуклеарната програма и пропаѓањето на иранските сојузници
Израел останува решен да го спречи Иран во развојот на атомска бомба. Велат дека нападите имаат за цел да се запре „финалниот чекор“ во нуклеарната програма на Техеран. Иако Иран тврди дека програмата е цивилна, последните податоци и прекршувања го подгреваат стравот од нуклеарен судир.
Хамас и Хезболах, клучните регионални сојузници на Иран, се сериозно ослабени од војната во Газа и конфликтите во Либан. Тоа ја става Иранската република во незавидна позиција. Иран повторно порача дека секоја база на сојузниците на Израел ќе биде легитимна цел.