Израелската армија денеска му препорача на населението во градот Газа „да не губи време“ и да ја забрза евакуацијата.
Луѓето беа повикани да ги напуштат своите домови и да се упатат кон јужниот дел на Појасот Газа пред да започне копнената офанзива, а патиштата кон север се веќе блокирани.
Воениот портпарол Ричард Хехт соопшти дека денеска од 10 до 16 часот цивилите може да го напуштат северниот дел на палестинската енклава.
„Знаеме дека ќе биде потребно време, но препорачуваме луѓето да не чекаат“, додаде тој.
Илјадници локални жители и денеска се качија во автобуси, автомобили и колички со магариња за да избегаат од областа. Вооружената група Хамас, која владее со Појасот Газа од 2007 година, го отфрли повикот за евакуација.
„Нашиот палестински народ ја отфрла заканата на окупаторското раководство и неговите повици да ги напуштиме домовите и да побегнеме на југ или во Египет“, соопшти вчера Хамас.
За време на вчерашната посета на Израел, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го обвини Хамас дека го користи населението во енклавата како жив штит.