Израел со нова закана до Иран

Конфликтот на Блискиот Исток влезе во фаза на силна ескалација откако Израел започна нови напади врз Иран и Либан, по што Техеран возврати со бран одмазднички удари. Израелската војска потврди дека биле бомбардирани клучни државни цели во Техеран, додека копнените сили напредуваат подлабоко на либанска територија.

Напади во повеќе земји и воени инциденти

Според „Вашингтон пост“, иранските напади погодиле цели во најмалку десет земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и Кипар. Обединетите Арапски Емирати соопштија дека од почетокот на конфликтот пресретнале голем дел од вкупно 186 балистички ракети и 812 беспилотни летала насочени кон нивната територија.

Конфликтот однесе жртви и меѓу американските сили, при што досега загинале шест војници. Централната команда на САД (CENTCOM) извести и за инцидент со „пријателски оган“ над Кувајт, каде биле соборени три американски авиони F-15E Strike Eagle, а екипажите успеале да се катапултираат.

Закани од израелскиот министер за одбрана

Во меѓувреме, иранското Собрание на експерти заседава виртуелно за избор на наследник на убиениот ајатолах Али Хамнеи. Во таа насока, израелскиот министер за одбрана Израел Кац упати директна закана преку платформата X.

„Секој лидер назначен од иранскиот терористички режим ќе биде цел за елиминација, без оглед на името или местото на криење“, порача Кац.

Тој додаде дека Израел, заедно со САД, ќе продолжи со операциите со полна сила сè до целосно демонтирање на капацитетите на иранскиот режим.

Тешка ноќ во Техеран и цивилни жртви

Во средата наутро Израел го започна десеттиот бран напади врз командни центри во Техеран. Жител на северниот дел на градот за CNN изјави дека ноќта била исклучително тешка.

„Тие силно удрија синоќа, беше лоша ноќ. Не знам точно каде удрија, но се чинеше дека можевме да ги чуеме експлозиите околу нас“, изјавил жителот.

Тој додал дека граѓаните се во паника бидејќи не знаат каде се наоѓаат воените објекти за да можат да побараат безбедно засолниште.

Според податоците на организацијата ХРАНА, од 28 февруари досега во Иран се убиени најмалку 1.097 цивили, меѓу кои 181 дете под 10 години. Иако целите биле воени, извештаите укажуваат дека се погодени и медицински центри и станбени зони, а над 5.400 лица се повредени.