Нов вид на оружје
Хезболах соопшти дека истрела „десетици ракети Фади-1 и Фади-2 – нов тип на оружје што групата досега не го користеше – на воениот аеродром Рамат Давид, лоциран југоисточно од Хаифа.
Нема извештаи за штети. Локалните медиуми објавија дека ракетите истрелани од Либан биле пресретнати во близина на Хаифа и Назарет. Војската соопшти само дека следела истрелување на „околу десет ракети“ од соседната земја, од кои повеќето биле пресретнати.
Убиен висок функционер на Хезболах
Израел и Хезболах си разменија удари вчера додека спасувачките тимови во Бејрут ги пребаруваа урнатините на станбена зграда во јужните предградија на главниот град, која беше уништена во петокот од израелски напад. Во нападот беше убиен Ибрахим Акил, висок функционер на Хезболах кој командуваше со единицата на специјалните сили на групата.
Стејт департментот ги советуваше американските граѓани да го напуштат Либан поради конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
Израелските сили упаднаа во редакцијата на Ал Џезира во Рамала, на окупираниот Западен Брег, и наредија таа да биде затворена во првичен период од 45 дена, објави Би-Би-Си. Вооружени и маскирани израелски војници влегоа во зградата рано во неделата (22 септември) за време на пренос во живо. Гледачите гледаа како војниците му ја предаваат наредбата за затворање на директорот на телевизијата на Западниот Брег, Валид ал-Омари, кој ја читаше во живо.
Дополнителна ескалација заради пејџерите
Конфликтот меѓу Израел и Хезболах дополнително ескалираше по експлозиите на пејџери користени од милитантите низ Либан по што следуваше серија одмазднички напади на двете страни. За Вашингтон, само мировен договор за крај на војната во Газа може да го угаси пожарот на Блискиот Исток.