Израелската армија тврди дека ја пробила одбраната на Хамас во градот Газа и влегла во болничкиот комплекс „Ал Шифа“. Во копнената операција ангажирани се специјално обучени тимови за сложени операции со цел да се заштитат цивилите. Војската објави снимка, за која се вели дека покажува достава на медицинска помош за пациентите во болницата. Според Тел Авив, милитантната група има команден центар во тунелите под болницата и оттаму изведува воени операции, пренесе МРТ.
„Израелската армија спроведува копнена операција во Газа за да го порази Хамас и да ги спасиме нашите заложници. Израел е во војна со Хамас, а не со цивилите во Газа. Силите на израелската војска вклучуваат медицински тимови и преведувачи од арапски кои се обучени за сложена и чувствителна операција, со намера да не им се нанесе штета на цивилите кои Хамас ги користи како штит“, изјави портпаролот на Израелската одбрана, Даниел Хагари.
Акцијата е тешка поради непристапноста на теренот и многуте подземни тунели. Од ООН велат дека Хамас не смее да ја користи болницата како заштита, а здравствените установи не треба да станат место на воена зона.
„Премногу е опасно. Нашата грижа е за пациентите на болницата што не функционира. Ја разбирам загриженоста на Израелците што се обидуваат да го најдат раководството на Хамас, но тоа не е наш проблем. Нашиот проблем е да го заштитиме народот на Газа од тоа што го посетува“, изјави шефот на итната помош на ОН, Мартин Грифитс.
Јеменските Хути, поддржани од Иран, соопштија дека лансирале серија балистички ракети кон израелски цели. Предупредија дека нема да се двоумат да ги таргетираат израелските бродови, сè додека трае војната во Газа.
„Воените операции на оружените сили кои се против израелскиот непријател, го потврдуваат почетокот на преземањето на сите потребни оперативни процедури за извршување на наредбите, издадени за удар на кој било израелски брод во Црвено Море“, изјави бригадниот генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Повиците за прекин на огнот се посилни. Повеќе од 400 американски функционери со протестно писмо против политиката на американскиот претседател Бајден. Бараат итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас и да дозволи хуманитарна помош да влезе во Појасот Газа.