Израелската продуцентка пронајдена во Атина за време на снимање
Дана Еден, израелската продуцентка на серијата „Техеран“, вчера беше пронајдена мртва во хотел во центарот на Атина. Според првичните, неофицијални информации, се претпоставува дека станува збор за самоубиство, јавува дописничката на МИА од грчката престолнина.
Еден престојуваше во Атина за снимањето на четвртата сезона од наградуваната серија, која во 2021 година ја освои меѓународната награда Еми и се емитуваше на Apple TV. Израелските медиуми наведуваат дека грчката метропола се користела како замена за Техеран, а 52-годишната продуцентка ја одбрала Атина по приватна посета, бидејќи градот ѝ се допаднал поради визуелната сличност со иранската престолнина.
Синоќа, грчката полиција информираше дека жена била пронајдена мртва во својата соба во хотелот. Денеска медиумите потврдија дека станува збор за Дана Еден.
Продуцентската куќа „Donna and Shula Productions“ преку социјалните мрежи ги отфрли гласините дека смртта на Еден била резултат на криминал или национализам и апелира до јавноста да се воздржи од шпекулации.
Дана Еден и Шула Шпигел се основачи на „Donna and Shula Productions“. Покрај „Техеран“, тие стојат зад повеќе од 40 телевизиски серии и филмови, според израелските медиуми.
