Израелската Влада одобри создавање Национална гарда под водство на ултрадесничарскиот министер за внатрешна безбедност Итамар Бен-Гвир.
Тој истакна дека главна задача на новите сили ќе биде да ги смири немирите поврзани со Арапите. Сепак, неговите политички ривали го обвинија дека создал милиција базирана на религија.
Претходната израелска влада веќе го започна процесот на создавање помошни полициски сили за справување со внатрешно-политичките тензии по пропалестинските протести во мешаните еврејско-арапски области за време на војната во мај 2021 година во Појасот Газа.
– За точните овластувања на новата Национална гарда ќе разговара комисија составена од сите израелски безбедносни агенции, која ќе ги претстави своите препораки во рок од 90 дена, се наведува во соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Засега не е јасно под чија команда ќе бидат новите сили.
Бен-Гвир, тврдокорниот еврејски доселеник на окупираниот Западен Брег, е осуден за поддршка на тероризам и поттикнување против Арапите, кои сочинуваат околу 21 процент од населението во Израел.