Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека нема место во Ерусалим за отворање американски конзулат за Палестинците.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вети дека конзулатот, кој беше затворен за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, ќе биде повторно отворен.
Израел смета дека таквиот потег ќе го наруши суверенитетот на земјата над Ерусалим.
Отворањето ќе придонесе за подобрување на американско-палестинските врски кои се нарушени за време на мандатот на Трамп.
Палестинците денеска го осудија Израел бидејќи го одбива ветеното отворање на конзулатот.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го гледа отворањето на конзулатот како дел од обврските на меѓународната заедница да стави крај на израелската окупација на териториите каде што Палестинците се обидуваат да основаат своја држава.
– Источен Ерусалим е нераскинлив дел од окупираната палестинска територија и главен град на државата Палестина. Израел, како окупаторска сила, нема право да стави вето на одлуката на американската администрација, се наведува во соопштението.
Бенет доцна синоќа на прес-конференција, на прашањето за конзулатот го повтори ставот на Израел во однос на Ерусалим.
– Нема место за уште еден американски конзулат во Ерусалим. Ерусалим е главен град на една држава, а тоа е државата Израел, истакна Бенет.
Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид предложи конзулатот да биде отворен во палестинскиот административен центар Рамала на Западниот Брег наместо во Ерусалим.
Палестинците ја отфрлаат таквата идеја бидејќи го бараат правото на Ерусалим.
Блинкен не кажа кога се планира отворањето на конзулатот, а американските власти предупредија дека израелското противење може да претставува пречка.