Скопје соочено со сериозно загадување на воздухот, градоначалникот реагира

Изминативе денови, Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот, а државниот мониторинг покажа дека е пробиен дозволениот праг. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ситуацијата бара итна и решителна реакција.

„Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам“, рече Ѓорѓиевски.

Силни инспекциски надзори и казни за загадувачите

Во изминатите два дена беа спроведени координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица и покажа дека законот важи за сите.

„Ова нема да застане тука. Напротив, продолжуваме уште поинтензивно и уште поодлучно. Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција! За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца“, додаде градоначалникот.

Мерки за заштита и апел до граѓаните

Паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје објави низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, достапни за сите граѓани. Ѓорѓиевски ја поздрави и заложбата на Владата за чекорите преземени во насока на почист воздух, вклучувајќи Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенции за инвертер клими, поставување прочистувачи на воздух во градинките, масовно пошумување, гасификација, изградба на когенеративни централи и нови паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух.

„Борбата за почист воздух е заедничка и затоа апелирам до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките. Секој поединечен придонес е важен“, појасни градоначалникот.

Градоначалникот додаде дека за она што е во надлежност на Градот нема никаква толеранција.

„Ред мора да има. Законот ќе се спроведува. А здравјето на скопјани ќе биде наш апсолутен приоритет“, порача Ѓорѓиевски.

Граѓаните можат да пријават потенцијални загадувачи на е-маил: prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk.