Како што информираат од МКЦ, првиот блок е посветен на меѓународна програма во која гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот на домашната независна продукција.

Фестивалската програма започнува на 18 ноември во МНТ со „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Битеф театар.

Куриозитет на ова издание е што ќе има можност да се одгледаат три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“, кој одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено се поставувше на три сцени Југословенско драмско позориште, Белград (СРБ), Словенско народно гледалишче, Љубљана (СЛО) и во Драмскиот театар во Скопје.

Во рамките на МОТ ќе се одржи и панел-дискусија на која ќе се сретнат трите режисерки, Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ.

Ќе бидат претставени и три продукции курирани од Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а ќе може да се погледне и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ.

МОТ ќе биде домаќин и на ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со „Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народен театар Битола и претставата „History of motherfuckers“ на Андраш Урбан.

На фестивалот ќе учествува и австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок ќе може да се погледне Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.

Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него ќе може да се погледнат претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.

Овогодинешниот Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар (сала 25 Мај и сала Фросина), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.