Електронските изводи од матичните книги се меѓу најкористените услуги на порталот uslugi.gov.mk, информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, нагласувајќи дека целиот процес – од аплицирање до добивање на документот – е целосно дигитализиран.

„Документот го добивате и во своето електронско поштенско сандаче, нешто што го промовиравме во декември минатата година. Го добивате и на својата мејл-адреса, па потоа може да го испечатите ако сакате“, рече Андоновски.

Преку порталот се достапни услуги за вадење изводи од матичната книга на родените, венчаните и умрените, како и потврда за слободна брачна состојба.

Сепак, министерот посочи дека и покрај дигитализацијата, во пракса често се бара печатена верзија на документите поради законски решенија и административни навики.

„Повеќето од законите бараат извод од матична книга, а институциите сметаат дека треба да биде печатен документ“, изјави тој.

Во таа насока, како што додаде, се работи на измени на законите со цел институциите по службена должност сами да ги прибираат потребните податоци, без граѓаните да мора да доставуваат документи.

„Токму во оваа насока се измените кои се прават на секој од поединечните закони… Се надевам дека во оваа насока ќе се придвижат и другите институции“, рече Андоновски, посочувајќи дека ваква пракса веќе применува Министерството за внатрешни работи при издавање лиценци и дозволи.

Покрај изводите, меѓу најкористените услуги на порталот се и барањата за одобрение за набавка на оружје за физички лица, како и издавање потврди од казнена евиденција и податоци за стаж, плати и надоместоци.

Андоновски најави и дека во јуни ќе биде потпишан договор со Црна Гора за меѓусебно признавање на електронските потписи.

Со тоа, електронските потписи издадени во Македонија ќе важат во Црна Гора и обратно, што ќе овозможи полесна прекугранична административна комуникација и користење на дигитални услуги.