Полицијата во Битола поднесе кривична пријава против четири лица осомничени за серија телефонски измами со лажни сообраќајки и повредени роднини. Тројца се товарат за измама, а четвртото лице за помагање, соопштија од МВР.

Пријавени се В.П. (40) од селото Стење, ресенско, Г.М. (54) со престој во Скопје, едно засега непознато лице и В.М. (51) од Охрид. Случајот се однесува на добро познатиот „телефонски трик“ со измислени несреќи и итни операции.

На 5 февруари 2026 година, на улицата „Маврово“ во Битола, осомничените измамиле 72-годишна жена, убедувајќи ја дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Жената му предала златен накит на првоосомничениот, кој подоцна го предал на второосомничениот, а штетата изнесува околу 40.000 денари.

Следниот ден, на 6 февруари, кај Саат кулата во Битола, на ист начин биле измамени 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои биле земени околу 430.000 денари.

Според истрагата, во периодот од ноември 2025 до 21 февруари 2026 година, второосомничениот и четвртоосомничената ги пренесувале парите добиени од измамите во Бугарија, односно во Софија, каде ги предавале на третото лице, задржувајќи дел од средствата за себе.

Истражителите утврдиле дека групата со вакви измами во повеќе градови низ земјата прибавила противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.

Судија на претходна постапка при Основниот суд во Битола му одредил осумдневен притвор на Г.М., додека првоосомничениот веќе се наоѓа во притвор.