Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен предлог до Основниот суд во Крушево против едно лице кое, според обвинението, речиси две години постојано ја следело, вознемирувало и заканувало на својата поранешна сопруга. Станува збор за кривично дело Демнење од член 144-а став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, во периодот од август 2023 до август 2025 година, мажот упорно го нарушувал нејзиниот мир и безбедност:
ја следел и се појавувал на местата каде што таа се движела,
воспоставувал несакан контакт и се мешал во нејзиниот личен живот,
ја злоставувал психички, создавајќи чувство на страв и несигурност.
„Постојано телефонски ја контактирал и ја навредувал, повремено упатувајќи и закани по живот. Се обидувал да влезе и во нејзиниот дом, а ја следел и се појавувал и на нејзиното работно место во Центарот за социјални работи,“ информира Обвинителството.
Иако во текот на претходната постапка против него беа изречени мерки на претпазливост, обвинетиот не ги почитувал. Поради тоа, јавниот обвинител покрај обвинението поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.