Гренландскиот премиер му одговори на Доналд Трамп
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен изјави дека доколку од неговиот народ „тука и сега“ се побара да избере меѓу САД и Данска, изборот би бил Данска. Изјавата ја даде на заедничка прес-конференција во Копенхаген со данската премиерка Мете Фредериксен, јави BBC. Ова е најостриот став од гренландски официјален претставник откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за припојување на островот кон САД.
Пораки од Нилсен и реакција од Данска
Нилсен истакна дека Гренланд се соочува со сериозна геополитичка криза, но нагласи дека ставот на островот е недвосмислен. Тој порача дека Гренланд не сака да биде сопственост, управуван или дел од САД. Данската премиерка Фредериксен, пак, го осуди, како што рече, „целосно неприфатливиот притисок“ од најблискиот сојузник и предупреди дека најпредизвикувачкиот период допрва следува. Таа потсети дека НАТО е темел на трансатлантската безбедност и дека евентуална употреба на сила би значела крај на таа алијанса.
Во меѓувреме, ЕУ распоредува војска на островот.
Стратешко значење и американски интерес
Гренланд е дел од Кралството Данска од 1721 година, но функционира како високо автономна територија и не е членка на Европската унија. Островот има клучна стратешка важност поради богатите минерални ресурси и улогата во воената контрола на Арктикот. Трамп тврди дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за заштита од Русија и Кина и повеќепати нагласи дека договорот за закуп не е доволен. САД веќе имаат постојано воено присуство во базата Питуфику, а договорите со Данска дозволуваат дополнително распоредување на сили. И покрај тоа, сојузниците на Данска во НАТО неделава порачаа дека само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за иднината на нивниот меѓусебен однос.
