Јадење еден грст бадеми го намалува оксидативниот стрес и ги штити клетките

Јадење еден грст бадеми секој ден може да го намали оштетувањето на ДНК и да го ублажи оксидативниот стрес, кој влијае на стареењето, воспаленијата и хроничните заболувања, покажува ново истражување објавено во списанието „Сајентифик репортс“.

Научниците ги прегледале резултатите од осум клинички испитувања за да ја потврдат улогата на бадемите кај возрасните луѓе. Истражувањето покажало дека консумирањето повеќе од 60 грама бадеми дневно, што е приближно еден полн грст значително го намалува нивото на одредени маркери на оштетување на клетките.

Бадемите ја подобруваат активноста на антиоксидантните ензими, особено Супероксид дисмутазата (СОД), која ги штити клетките од оштетување. Сепак, нутриционистите предупредуваат дека бадемите се богати со калории и треба да се консумираат умерено, како дел од урамнотежена исхрана.

Ова овошје е богато со витамин Е, полифеноли и здрави масти, кои придонесуваат за антиинфламаторно и антиоксидантно дејство. Научниците нагласуваат потреба од постандардизирани истражувања, бидејќи резултатите зависат од начините на подготовка на бадемите, здравствената состојба на учесниците и нивните навики во исхраната.